• 2020 7 Септември
    Соопштенија Понуда за втор период на одложена отплата на кредитни обврски за физички лица

Понуда од Шпаркасе Банка Македонија за втор период на одложена отплата на кредитни обврски за физички лица

Почитувани клиенти,

Заклучно со 30.09.2020 година завршува периодот на одложена отплата на месечните обврски по кредитни изложености за население согласно Понудата за промена на договорни услови број 13.977/1 од 01.04.2020 година за одложување на отплата на кредитни обврски за период од 6 месеци и продолжување на рокот на отплата на кредитите за 6 месеци.

Поради продолжувањето на несаканите ефекти од пандемијата, предизвикана од Ковид-19 кризата, а со цел да излезе во пресрет на своите клиенти – физички лица за полесно надминување на негативните последици, Шпаркасе Банка Македонија им овозможува втор период на одложена отплата на клиентите кои ја прифатиле првата Понуда на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје со број 13.977/1 од 01.04.2020 година, а се соочуваат со финансиски потешкотии кои може да имаат влијание врз можноста за отплата на кредитните обврски кон Банката во следните шест месеци.

Оваа можност е креирана во согласност со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик на НБРСМ (Службен весник на Република Северна Македонија бр.76/20 од 24.03.2020 година), Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик на НБРСМ (Службен весник на Република Северна Македонија бр.116/20 од 05.05.2020 година) и Уредбата со законска сила за начинот на промената на договорните услови на кредитните изложености кај банките и штедилниците (Службен весник на Република Северна Македонија бр.80/20 од 27.03.2020 година) изменета со Уредба со законска сила за изменување на Уредбата со законска сила за начинот на промената на договорните услови на кредитните изложености кај банките и штедилниците (Службен весник на Република Северна Македонија бр.125/20 од 15.05.2020 година).

Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје на ден 07.09.2020 година, ја објавува следната

 

ПОНУДА бр. 33509/1 од 07.09.2020 година за втор период на одложена отплата на кредитни обврски за физички лица

Втората Понуда се однесува на клиентите корисници на кредитни производи кои имаат кредитна изложеност во Банката со класификација на категорија на кредитен ризик А, Б или В и немаат статус на нефункционална изложеност заклучно со датум 29.02.2020 година и кои ја прифатиле првата “Понуда за промена на договорни услови бр. 13.977/1 од 01.04.2020 година за одложување на отплата на кредитни обврски за период од 6 месеци и продолжување на рокот на отплата на кредитите за 6 месеци”.

Одложувањето на плаќањето на кредитните обврски ќе биде овозможено за дополнителни 6 месеци, односно во период од 01.10.2020 година до 31.03.2021 година за клиентите кои ја прифатиле првата Понуда на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје со број 13.977/1 и исполнуваат најмалку еден од следните критериуми:

  • Престанок на работен однос на корисникот на кредит во периодот на КОВИД-19 кризата;
  • Намалени месечни приходи од минумум 10% или над 10% во периодот на Ковид-19 кризата;
  • Доколку трошоците за лекување во периодот на Ковид-19 кризата од 01.04.2020 до 30.09.2020 година се поголеми од збир на три плати на кредитокорисникот.

Детални понуди според тип на производ:

I. Корисници на КРЕДИТ

  • Грејс период: Банката одобрува дополнителен грејс период на отплата на месечните ануитети од 6 месеци, почнувајќи од октомври 2020 година, а заклучно со март 2021 година во кој ќе се пресметува и наплатува камата;
  • Продолжување на крајниот рок на отплата на кредитот за период од дополнителни 6 (шест) месеци.
  • Полиса за животно осигурување: Корисниците на кредит кои користат кредитни производи обезбедени со животно осигурување, остануваат со истите карактеристики како што биле пред грејс периодот и ќе продолжат да ги подмируваат редовно обврските за полисата за животно осигурување. Плаќањето на месечна полиса за животно осигурување се однесува само на кредитокорисници кои имаат намалени месечни приходи од минимум 10% или над 10% во периодот на Ковид-19 кризата или кредитокорисници на кои трошоците за лекување во периодот на Ковид-19 кризата се поголеми од збир на три плати.

II. Корисници на КРЕДИТНИ КАРТИЧКИ

  • Грејс период: Банката одобрува дополнителен грејс период од 6 месеци, во кој ќе пресметува и наплатува камата и редовни месечни надоместоци согласно одредбите предвидени во Договорот за користење на кредитна картичка.

III. Корисници на ДОЗВОЛЕНО ПРЕЧЕКОРУВАЊЕ на трансакциска сметка

  • Во периодот од 01.10.2020 година до 31.03.2021 година секоја дополнителна уплата од страна на корисникот ќе го намалува долгот по основ на искористено пречекорување и истиот е повторно на располагање на корисникот.
  • Камата: Во наведениот период, Банката ќе пресметува и наплатува камата согласно одредбите предвидени во Договорот со кој е регулирано дозволено пречекорување.

За времетраењето на второто одложување, клиентите ги имаат следните обврски:

1. Корисници на кредит кои имаат престанок на работен однос во периодот на Ковид-19 кризата, ќе имаат целосно одложување на кредитните обврски, освен за револвинг производите (кредитни картички и дозволено пречекорување) кај кои Банката ќе пресметува и наплатува камата.

2. За сите останати клиенти (корисници на кредит) кои имаат намалени месечни приходи од минимум 10% или над 10% во периодот на Ковид-19 кризата или корисници на кредит на кои трошоците за лекување во периодот на Ковид-19 кризата се поголеми од збир на три плати), главницата на кредитите нема да доспева, а Банката ќе пресметува и наплатува:

  • Редовна месечна камата на сите производи (вклучително и каматата за револвинг производите);
  • Камата за период од април 2020 година заклучно со септември 2020 година, а ќе се распредели за плаќање на еднакви износи во амортизациониот план до датум на последна рата од Договорот за кредит продолжен за 12 месеци;
  • Еднократен износ на премија за животно осигурување за период од април 2020 година заклучно со септември 2020 година кој доспева за плаќање на 15.10.2020 година;
  • Месечна премија за животно осигурување за потрошувачките кредити со месечна отплата на премија за животно осигурување;
  • Полиса за осигурување на имот;
  • Проценка за обезбедувањето.

ДОГОВОРНИ УСЛОВИ ЗА СИТЕ ТИПОВИ ПРОИЗВОДИ

Правно дејство на Понудата:

Променетите услови кои произлегуваат од оваа понуда произведуваат правно дејство спрема должниците, солидарните должници и заложните должници без склучување на нови договори/анекси кон договорите.

Правното дејство на променетите услови има важност на целокупна договорна пропратна документација (амортизациони планови, трајни налози и друга документација), сите нотарски исправи и обезбедувања (договори за залог владетелски-невладетелски, меници, гаранции, договори за осигурување/полиси за осигурување, договори за пристапување кон долг, и останати договори за било какво друго обезбедување) и тоа без склучување на нови договори/анекси кон постоечките договори, нотарските исправи и останатите инструменти на обезбедување, како и без да се врши промена на веќе запишаните податоци во јавните книги и регистри.

Понудата е неделива и важи само со кумулативно прифаќање на сите погоре наведени услови и за сите кредитни производи на клиентот во Банката.

Останати договорни одредби: 

Сите останати договорни одредби од постоечките договори, кои не се опфатени во оваа понуда, остануваат во важност за цело времетраење на договорите, вклучувајќи го износот на доспеаните, а неплатени обврски, во периодот пред објава на оваа Понуда.

Со објавувањето на оваа Понуда на веб-страницата на Банката, се смета дека Понудата е доставена до сите физички лица корисници на кредитни производи, солидарните должници и заложните должници,  на денот на објавувањето.

Начин на прифаќање на Понудата

Оваа Понуда важи 10 (десет) дена од денот на објавување на интернет страницата на Банката www.sparkasse.mk, односно до 17.09.2020 година.

Клиентите кои исполнуваат еден од погоренаведените критериуми и сакаат да ја ПРИФАТАТ Понудата бр. 33509/1 од 07.09.2020 година за втор период на одложена отплатата на кредитни обврски за физички лица (Втора понуда), потребно е во една од експозитурите на Шпаркасе Банка Македонија лично да достават пополнета и потпишана Изјава за согласност за промена на договорни услови (може да се преземе на крајот од објавата или во експозитурите на Банката) како и соодветна документација која го потврдува критериумот за повторно одложување кој го исполнуваат:

  • Потврда за личен доход од 01.01.2020 година заклучно со 31.08.2020 година – податок за плата за секој месец поединечно;
  • Решение или потврда за престанок на работен однос;
  • Писмен доказ за трошоци за лекување во периодот од 01.04.2020 до 30.09.2020 година дека се поголеми од збир од три плати на кредитокорисникот.

Доколку во предвидениот рок, односно најдоцна до 17.09.2020 година, клиентите со комплетна документација не се обратат во некоја од експозитурите на Банката за прифаќање на Втората понуда, ќе се смета дека истата ја одбиваат и продолжуваат со редовна отплата на кредитните обврски.

Адресните податоци за експозитурите на Шпаркасе Банка Македонија можете да ги најдете на интернет страницата на Банката, односно преку следниот линк: https://www.sparkasse.mk/Локации/Експозитури_и_банкомати.aspx 

Банката во секој случај го задржува правото да ја разгледа доставената документација и доколку утврди дека клиентот не ги исполнува погоре наведените услови, за истото соодветно ќе го извести.

Прилог - Изјава за согласност за промена на договорени услови

Датум на објава на понудата: 07.09.2020 година.

Шпаркасе Банка Македонија АД СКОПЈЕ