3 ноември 2026 г.

Известување за промена на Рамковен договор и Општи правила и услови

1.    ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ИЗМЕНА НА РАМКОВЕН ДОГОВОР И ОПШТИ ПРАВИЛА И УСЛОВИ КОИ СЕ СОСТАВЕН ДЕЛ НА РАМКОВНИОТ ДОГОВОР

Почитувани,

Ве известуваме дека Шпаркасе Банка изврши измена на Рамковниот Договор, Општи правила и услови за платежна сметка и платежни услуги за физички лица, Општи правила и услови за издавање и користење на дебитни картички на физички лица, Општи правила и услови за издавање и користење на кредитни картички на физички лица, Општи правила и услови за издавање и користење на дебитни картички на физички лица за плаќање за субвенциониран студентски оброк, Општи правила и услови за користење на пакети на физички лица, Општи услови за Електронско банкарство, Општи услови за користење на дигитализирани картички кои се во примена од 09.11.2026 година.


Измените се следни:

Согласно Одлуката за водечкиот број на давателите на платежните услуги и стандардите за конструкција на платежните сметки започнува примената на стандардот ИСО 20022 XML за размена на налози за пренос во платниот систем за плаќање и порамнување големи и итни плаќања, да обезбедат иницирање, обработка и извршување на сите национални платежни трансакции со користење на стандардот ИБАН, како единствена идентификациска ознака на платежната сметка. Измените се согласно законските и регулаторните измени во областа на платежните услуги и платните системи, поточно усогласување на конструкцијата на денарските платежни сметки со IBAN стандардот. Постоечките платежни сметки во Банката добиваат префикс „MK07“ при што бројот на Вашата платежна сметка останува непроменет. Оваа промена е од техничка природа и овозможува единствена и стандардизирана идентификација на платежните сметки во домашниот платен промет.

 

Воедно, Ве известуваме дека Шпаркасе Банка, како дел од процесот на дигиталната трансформација, ги донесе новите Општи услови за користење на услугата за плаќање Keks Pay. Со овие Општи услови детално се уредуваат правилата, правата и обврските, безбедносните мерки и постапките за користење на оваа нова платежна услуга. Воедно, извршено е соодветно дополнување во соодветните членови од Рамковниот договор, со што новите Општи услови за Keks Pay стануваат негов составен дел.

 

  • Важна забелешка за достапноста на услугата: Услугата е опционална и ќе овозможи брзи и едноставни плаќања, а нејзиното активирање ќе се врши исклучиво по Ваше барање и дадена согласност во самата апликација. Самата апликација и услугата Keks Pay ќе станат активни за користење во наредниот период, за што дополнително и навремено ќе Ве известиме со детални упатства за преземање, регистрација и користење.
     

* Согласно Законот за платежни услуги и платни системи и Рамковниот договор ќе се смета дека корисникот на платежните услуги ги прифатил промените во условите на Рамковниот договор и неговите прилози доколку не го извести давателот на платежните услуги-Банката пред датумот на примена на измената дека ги одбива промените во условите на Рамковниот договор и неговите прилози.

Во случај корисникот на платежни услуги да не ги прифати предложените измени, корисникот има право да го раскине рамковниот договор, на било кој датум пред датумот на примена на измените без да плати трошок или надоместок за раскинувањето на рамковниот договор, пришто рамковниот договор престанува да важи со датумот на раскинување на договорот од страна на корисникот на платежните услуги. Наведените измени се достапни во електронска верзија на ВЕБ – порталот на Банката за персонализиран пристап за известувања и документи за платежни услуги, ВЕБ страната на банката и во работните простории на банката.

 


2.    ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА НОВИ ПЛАТНИ НАЛОЗИ

Ве информираме дека согласно законските и регулаторните измени во областа на платежните услуги и платните системи, од 09.11.2026 година, започнува примената на новите денарски платни налози, како и на меѓународниот стандард ISO 20022 XML за размена на платежни пораки во платните системи во земјата. Овие измени имаат за цел модернизација на платниот промет, усогласување со меѓународните стандарди, подобрување на квалитетот на платежните информации и унапредување на ефикасноста на платниот промет.

  • Нови типови платни налози - Во согласност со новата регулатива, постојните платни налози за денарски платежни трансакии, ќе бидат заменети со следните нови обрасци:

1. ПП10 → ВГ - Внесување готовина - Се користи за уплата на готовински средства на платежна сметка од страна на имателот на сметката, овластено лице или друго лице кое согласно закон има право да изврши уплата.

2. ПП40→ПГ-Повлекување готовина - Се користи за подигнување на готовински средства од платежна сметка од страна на имателот на сметката, овластено лице или лице кое има законски основ за располагање со средствата.

3. ПП30 → КТД - Кредитен трансфер во денари - Се користи за безготовински пренос на средства во денари од платежната сметка на плаќачот кон платежната сметка на примачот за редовни домашни плаќања помеѓу физички и правни лица, кога плаќачот и примачот е резидент и не е наменет за плаќања во корист на буџетски корисници.

 

4. ПП50 → КТБ - Кредитен трансфер кон буџетски корисници - Се користи за плаќања кон буџетски корисници и институции од јавниот сектор кога плаќачот е резидент или нерезидент, како што се даноци, придонеси, такси, надоместоци и други обврски кон државни органи и институции.

 

5. ПП53 → ЗКТ - Збирен кредитен трансфер - Се користи кога од една платежна сметка се вршат повеќе поединечни плаќања кон повеќе примачи, најчесто се применува при исплата на плати, придонеси од задолжително социјално осигурување, персонален данок и други масовни плаќања.

 

6. КТС - Кредитен трансфер со странство - Се користи за безготовински пренос на средства во денари од платежната сметка на плаќачот кон платежната сметка на примачот, кога плаќачот и / или примачот е нерезидент и не е наменет за плаќања во корист на буџетски корисници.

 

  • Клучни промени

Со воведувањето на новите налози се врши:

- стандардизација на платните налози и платежните податоци согласно ISO 20022;

- воведување на стандардизирани шифри за целта на плаќањето;

- усогласување на конструкцијата на денарските платежни сметки со IBAN стандардот;

- подобрување на квалитетот и структурираноста на податоците кои се разменуваат помеѓу учесниците во платниот промет.



За домашните платежни трансакции во денари меѓу плаќач и примач резидент, ќе се користат нови четиризнаковни алфанумерички шифри за целта на плаќањето, додека за денарските платежни трансакции меѓу плаќач и / или примач нерезидент,  ќе се користат шифрите согласно важечката регулатива за меѓународни платежни трансакции. Полето за шифра за целта на плаќањето може да биде пополнето од корисникот на платежните услуги, но не е задолжителен елемент за прием на налогот ниту за извршување на платежната трансакција од давателот на платежната услуга.

Со цел обезбедување навремена информираност и подршка на клиентите во процесот на прилагодување кон надградените стандарди на платните системи и новини во платежните услуги, на следниот линк се објавени соодветни релевантни материјали:

Известување за регулаторни промени во платежните услуги




За сите дополнителни прашања можете да се информирате во експозитурите или на Веб страната на Банката или обратете се до нашиот Контакт центар на телефон 02/15050.

Ви благодариме за довербата.

Со почит,
Шпаркасе Банка